Пред околу 3 месеци, од 01.10.2013 год. конечно на сила стапи новиот правилник за организација и управување со врвниот македонски .mk домен (претходниот правилник бил креиран во 1995 год.). Со овие домени, покрај Македонската академска истражувачка мрежа (МАРнет), од сега ќе можат да управуваат и компаниите кои ќе добијат статус на регистрари.

Дел од промените кои доаѓаат со овој правилник се: компаниите се ограничуваат да можат да регистрираат само до 30 домени во својство на регистрант, ќе се решава проблемот со големиот број домени регистрирани пред 2003, а кои не функционираат веќе со години, се укина барањето согласност за регистрација на сличен домен итн. Подетално за тоа што значи новата либерализација на .mk доменот можете да прочитате во овој текст.

Ова ме мотивираше да направам анализа на .mk домените кои се регистрирани до крајот на 2013 год. Податоците кои се користени во анализата се јавно достапни во регистрарот на МАРНет кој се наоѓа на нивниот официјален сајт. Во текот на претходните години направени се неколку вакви анализи. За изработка на дел од оваа, како водич ја користев анализата на Георги Станојевски од 2008 год. Листата на домени е земена на 31ви декември, а податоците за секој од домените се анализирани во текот на наредните денови.

(Важно: Студирам информатика, но немам некое посебно професионално искуство со статистика и/или анализирање на податоци. Можно е некои пресметки да не се точни поради технички грешки. Никако не гарантирам за точноста на податоците и не одговарам за било какви последици настанати поради користење на истите.)

Вкупно регистрирани домени

Во моментот на листањето на домените, во регистрарот на МАРНет имаше 26.822 регистрирани домени. За 56 oд нив немаше детални податоци (се добива порака дека таков домен не е регистриран во .mk зоната), па анализирани се само останатите 26.766 домени.

На следниот график е прикажан растот на вкупниот број регистрирани домени во периодот од мај 2003 год. до декември 2013 год. За домените регистрирани пред мај 2003 год. нема конкретен податок за датата на регистрирање.

Од графикот се гледа дека почнувајки 2008 год. вкупниот број расте речиси линеарно. Во бројот на регистрирани домени по години се забележува значителен раст во периодот од 2007-2010 год. За 2003 год. се земени домените регистрирани после месец мај.

Типови на домени

Според новиот правилник, во врвниот домен .mk се организираат примарниот домен .mk, како и секундарните домени .gov.mk, .edu.mk, .org.mk, .com.mk, .net.mk и .inf.mk. Претходно можеа да се регистрираат домени и под секундарните домени .name.mk и .mil.mk. Регистрирањето на домени под примарниот домен .mk беше овозможено во април 2008 год. и веднаш доби огромна популарност. Денес овие домени се втори по застапеност, на само 0.05% зад домените под секундарниот .com.mk. Најнепопуларни се .inf.mk и .mil.mk под кои сеуште нема регистрирано ниту еден домен.

Регистранти

Анализираните 26.766 домени се регистрирани од вкупно 11513 регистранти. На врвот на табелата се наоѓаат МКхост со регистрирани 1002 домени. Како што веќе спомнав, со новиот правилник компаниите се ограничуваат да можат да регистрираат најмногу 30 домени во својство на регистрант. Компаниите прикажани во подолу вкупно имаат регистрирано околу 16% од сите домени.

Именски опслужувачи (nameserver-и)

Во следната табела се прикажани именските опслужувачи кои опслужуваат најмногу домени. Притоа, во предвид не се земани различните варијации (ns1., ns2, dns1., …). Вака е добиена бројка од 1872 именски опслужувачи. Десетте најкористени, опслужуваат околу 35% од сите домени.

Пример: Доколку за домен x се поставени именските опслужувачи ns1.example.com и dns1.example.com, ќе се смета дека example.org опслужува 1 домен. Доколку домен y ги користи ns1.example.com и ns1.example2.com, ќе се зголеми бројот на опслужувани домени и на example.com и на example2.com.

Локации

Наредно, ги земав IPv4 адресите кои кореспондираат со домените и ги лоцирав во кои земји се наоѓаат. Ова беше возможно за 20.723 (77%) од домените. Најмногу ме изненади тоа што 6.142 (23%) од нив се лоцирани во Македонија. Ова е за 7% помал број од САД, каде што се лоцирани најголем дел од адресите – 8.045 (30%).

Технички детали

За потребите на оваа анализа изработив мала PHP cli апликација чиј код е достапен на GitHub. Графиците се генерирани дополнително со користење на Highcharts JavaScript библиотеката (освен мапата на светот за која е користено Google Charts). За лоцирање на ip адресите е користена GeoLite2 Country базата на MaxMind.

Податоците од анализата се достапни за користење под Attribution-NonCommercial-ShareAlike 4.0 лиценцата.